Мисијата КФОР денеска објави дека во наредните денови ќе се зголеми движењето на нејзините војници и возила на Косово поради вообичаената процедура на примопредавање на контингентите.
КФОР додаде дека ќе одржи вежби за тестирање и одржување на оперативните капацитети, со цел да се обезбеди исто ниво на обука и подготвеност за сите идни единици на терен.
„Иако овие вежби ќе се изведуваат на таков начин што ќе се минимизираат нарушувањата и влијанието врз локалното население, може да има сообраќаен метеж и видливо движење на војниците. Затоа, КФОР ги советува возачите да обрнат посебно внимание доколку се во близина на колона на воени возила“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Пукано во полицијата на северот на Косово, петмина уапсени за напад, шверц и дрогаСпоред Воено-техничкиот договор со кој заврши војната во Косово, КФОР е одговорен за безбедноста на границата на територијата на Косово.
Вежбите на КФОР дојдоа неколку месеци откако десетици негови војници беа повредени за време на судирите со српските демонстранти, по ескалацијата на насилството на крајот на мај.
Тогаш Србите се спротивставија на влезот во општинските згради на новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Насилството го принуди НАТО да испрати дополнителни 700 војници на Косово, покрај 4.000-те што веќе се во земјата.