Русија „собори три украински беспилотни летала“ во близина на Москва

Руски службеници работат на место на несреќа во близина на оштетената деловна зграда во Москва. Русија, 30 јули 2023 година.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека соборило три украински беспилотни летала југозападно од Москва, главниот руски град кој се соочи со воздушни напади во последните недели.

Украина нападна користејќи „три беспилотни летала на објекти во регионот Калуга“, објави Министерството на Телеграм.

„Сите беспилотни летала беа забележани и навреме уништени од руските системи за противвоздушна одбрана“, додаде Министерството.

Гувернерот на Калуга, Владислав Шапша изјави дека беспилотните летала биле соборени на југот на тој регион, стотици километри југозападно од Москва.

Видете и ова: Украинско пристаниште на Дунав цел на руски напади

„Нема никакви последици по луѓето и инфраструктурата“, рече Шапша.

Воздушниот напад е најмалку петти овој месец во регионот Калуга, кој Русија вели дека го спречила.

Руските власти претходно соопштија дека пресретнале беспилотни летала во регионот на 3, 7, 10 и 12 август.

Два напади со беспилотни летала се случија во финансиската област на Москва минатата недела, од кои едниот предизвика мала штета на деловна зграда. Во мај во близина на Кремљ беа соборени неколку дронови.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 30 јули предупреди дека војната доаѓа во Русија.