Силосите и магацините за жито беа оштетени рано денеска во напади на руски беспилотни летала врз едно од пристаништата на реката Дунав во Украина, изјави гувернерот на јужната област Одеса, Олех Кипер.
„Руските терористи двапати го нападнаа регионот на Одеса со беспилотни летала. Главна цел е пристаништето и инфраструктурата за жито на југот на регионот“, рече Кипер на Телеграм.
Тој не прецизираше кое пристаниште е нападнато.
Украина има две главни пристаништа на реката Дунав - Рени и Измаил. И двете веќе беа цел на напади.
Видете и ова: САД најавија нова безбедносна помош за УкраинаУкраинските пристаништа на Дунав сочинуваа околу една четвртина од извозот на жито пред Русија да се повлече од договорот за безбеден премин на украинскиот извоз на жито преку Црното Море.
Оттогаш тие станаа главна излезна рута, при што житото се испраќа до романското црноморско пристаниште Констанца за понатамошна испорака.
Рускиот напад на пристаништето Измаил ги зголеми глобалните цени на храната на почетокот на август.
На почетокот на јуни Украина започна контраофанзива против руските сили во јужниот и југоисточниот дел на земјата. По повеќе од два месеци работа, Киев врати голем број села, но не и поголеми населби, признавајќи дека напредокот е побавен од посакуваниот. Како причина тие ја наведуваат силната и добро зацврстена руска одбрана и недостатокот на оружје.