Киргистан уапси државјанин, платеник на „Вагнер“ за учество во војната во Украина

Платениците на „Вагнер“ го обучуваат белорускиот воен персонал (Илустративна фотографија)

Вториот државјанин на Киргистан, кој бил дел од приватната платеничка група „Вагнер“, приведен е под обвинение за учество во руската неиспровоцирана инвазија на Украина, изјавија за РСЕ роднини и неколку извори блиски до ова лице.

27-годишниот маж од регионот Нарин, северен Киргистан, ја напуштил земјата во Русија во 2020 година. Руската полиција го уапсила во 2021 година под сомнение дека носел дрога и бил осуден на 10 години затвор.

Таткото на две деца, чиј идентитет не е соопштен, бил приведен на 1 август по враќањето од Русија, вели неговата сопруга.

„Мојот сопруг беше приведен под лажни обвиненија. Тој секогаш се жалеше на лошата состојба во рускиот затвор и беше принуден да му се придружи на „Вагнер“. Тој отиде да се бори во Украина и во јули му заврши договорот“, изјави таа.

Вагнер, приватна руска платеничка група, регрутирала десетици илјади затвореници во Русија за да ги зајакне своите редови. На регрутите им се ветува помилување доколку го завршат шестмесечниот ангажман со „Вагнер“, кој неодамна ги повлече своите трупи од Украина по краткотрајниот бунт против руските воени водачи.

Видете и ова: Полска: Вагнер сака да го дестабилизира источното крило на НАТО

Мигрантите родени во Централна Азија, со или без руско државјанство, се појавија како клучни цели на руската воена акција за регрутирање, или преку Вагнер или делумна мобилизација што ја најави претседателот Владимир Путин минатиот септември.

Роднините на уапсениот Киргистанец поднеле жалба до локалниот суд за негово пуштање во домашен притвор. Судското рочиште е закажано за 28 август, соопштија локалните власти.

Киргистанските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат учество во воени активности во странство бидејќи тоа го прекршува Кривичниот законик. Граѓаните кои ќе бидат прогласени за виновни може да добијат казна затвор до 10 години.