Пензионери, политичари, војници...
БИХ - Во неколку градови на Босна и Херцеговина на 14 август, се одржуваат граѓански протести против насилство, поради тројното убиство во Градачац. Граѓаните бараат објаснување како повторно дојде до фемицид. Нермин Сулејмановиќ во видео во живо на Инстаграм на 11 август ја уби својата поранешна партнерка Низама Хеќимовиќ. Таа неколку дена претходно го пријавила во полиција за насилство. Истиот ден Сулејмановиќ уби уште двајца, а рани три лица. За време на полициската акција извршил самоубиство.
САД - Министерството за одбрана на САД на 14 август објави нов пакет безбедносна помош за Украина додека таа продолжува да се бори против руската инвазија. Пакетот вреден 200 милиони долари вклучува дополнителна муниција за системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и артилериски ракетни системи за висока мобилност „Химарас“. Вклучена е и опрема и системи за расчистување мини, соопшти Пентагон.
ГРЦИЈА - Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис го уверил неговиот хрватски колега, Гордан Грлиќ-Радман, дека „независното грчко судство ќе постапи објективно, непристрасно и врз основа на почитување на основните права на притворениците“ во случајот со хрватските навивачи.
ГЕРМАНИЈА - Германија стои „рамо до рамо“ со Украина, рече германскиот министер за финансии Кристијан Линднер на 14 август за време на неговата поста на Киев, за прв пат од почетокот на војната. Линднер, чие патување не беше најавено однапред, по пристигнувањето рече дека ќе има „многу конкретни“ разговори со украинските претставници за тоа како германското Министерство за финансии може да ја поддржи Украина сега и во иднина.
МАКЕДОНИЈА - По истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за пожарот во тетовската модуларна болница во Тетово, први реагираа од Јавното обвинителство. Од Обвинителството ги отфрлаат наводите во истражувањето кои се однесуваат на текот на истрагата за овој случај. Според Обвинителството истражувањето имало цел да дискредитира и нема никаков реален интерес да се презентира вистината. Најавуваат и јавна седница на Апелација, на која ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка која се водеше пред Судот во Тетово.
МАКЕДОНИЈА - Регистриран е нов случај на заразен со конго-кримска хеморагична треска, информираше Институтот за јавно здравје на 14 август. Институтот соопшти дека во доцните вечерни часови на 12 август биле известени за позитивниот резултат. Кримска-конго хеморагична треска е вирусна болест чиј преносител се крлежите.
УКРАИНА - Украина на 14 август ги осуди руските „пропагандни дејствија“, откако ден претходно руски воен брод испука предупредувачки истрели кон товарен брод во Црното Море, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.
МАКЕДОНИЈА - Нашите пензии да им ги дадеме на функционерите да живеат барем два- три месеци, а тие да ни ги дадат нивните плати на нас, па нека живеат со нив, нека видат, порача пензионерка на денешниот протест пред Седиштето на здруженија на пензионери во Скопје. Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите, а денеска се собраа во главниот град.
КИНА - Кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу ќе ги посети Русија и Белорусија од 14 до 19 август, се вели во соопштението на Министерството, објавено на 14 август. Посетата е за да покаже поддршка на овие нации, кои Западот се обидува да ги изолира поради инвазијата на Украина. Тој, додека е во Русија, ќе присуствува на Московската меѓународна безбедносна конференција, каде ќе одржи и говор, се вели во соопштението. Кинескиот министер ќе се сретне и со лидерите од одделот за национална одбрана на Русија.
УКРАИНА - Русија го таргетираше главното украинско црноморско пристаниште Одеса со нов бран напади со беспилотни летала и ракети, соопштија украинската противвоздушна одбрана и регионален гувернер изутринава. Истовремено се јавува дека продолжиле борбите на источниот и јужниот фронт.