Четириесет и пет дипломати и вработени во руската амбасада во Кишињев ја напуштија Молдавија на 14 август. Ваквиот чекор доаѓа откако молдавската влада минатиот месец нареди драстично намалување на дипломатското присуство на Москва таму.
Молдавија, која е поранешната советска земја, е погодена од руската војна во соседна Украина, а проевропската претседателка Маја Санду ја осуди инвазијата и ја обвини Москва дека се обидува да ја дестабилизира нејзината земја.
Молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску на 25 јули и нареди на руската амбасада до 15 јули да го намали персоналот од околу 70 на 25 луѓе.
Тогаш портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека одлуката на Молдавија „нема да остане без одговор“, нарекувајќи ја „уште еден чекор во уништувањето на билатералните односи“ меѓу земјите.
Видете и ова: Молдавија го намали бројот на руски дипломати во земјатаНеколку дена пред одлуката на молдавската влада, амбасадорот на Руската Федерација, Олег Васнецов, беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи откако во медиумите се појави информација дека на покривот на Руската амбасада во Кишињев има инсталирани антенски системи кои би доловувале информации за руските тајни служби.
Васнецов објасни дека антените биле поставени на крајот на 90-тите години, кога била изградена амбасадата, а во тоа време интернетот и телефонијата биле неквалитетни во Република Молдавија.