Изет Меџити од фракциската „Огнена група“ во ДУИ, денеска, 13 август, ја основаше новата партија - Демократско движење. Ја сочинуваат незадоволни кадри од ДУИ кои денеска во Скопје го одржаа основачкото собрание на партијата на кое Меџити беше избран за претседател.
Во новата партија не се тројца од истакнатите „огнени“ - Муса Џафери, Невзат Бејта и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети кои не мислеа оти треба да се формира нова партија.
На денот на основањето на паријата, Меџити одговори и на новинарски прашања за случувањата со неофицијалната посета на косовскиот премиер Албин Курти кој во петокот беше во Општина Чаир и во Тетово.
„Ако се водиме по тоа што секој поставува знамиња за Кутлеш, за голема Албанија, треба секој ден да затвораме луѓе. Мислам дека на таа посета треба да се гледа позитивно“, рече Меџити, кој беше еден од домаќините на Курти за време на посетата. За преименувањето на чаирската улица „Втора македонска бригада“ во Адем Демачи, Меџити рече не треба да биде проблем зашто, како што појасни, станувало збор за личност со европска вредност.
Вчера беше основана уште една партија на Албанците во Северна Македонија - Европска демократска партија чиј лидер е доскорешниот заменик-претседател на Движењето Беса, Аријанит Хоџа. Тој изјави дека со формирањето на партијата, во Македонија се отвора нова страница на политичко дејствување. Тие веќе имаат еден пратеник во Собранието.