Харадинај до Албанците во С. Македонија: Не му верувајте на Курти

Рамуш Харадинај

Поранешниот косовски премиер, лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај им порача на Албанците во Северна Македонија да не му веруваат на актуелниот косовски премиер, Албин Курти, кој вчера, за време на престојот во Севрна Македонија, вети дека ќе започне со изградба на патот од Призрен во Косово до Тетово во Северна Македонија, јави МИА од Приштина.

Курти, кој вчера престојуваше во скопската општина Чаир на церемонијата на именувањето на една улица со името на косовскиот деец и активист за човекови права, Адем Демачи, а подоцна ја посети и општина Тетово, каде што одржа собир со граѓани, изјави дека работите за изградба на патот Тетово-Призрен неоправдано доцна и побара тие да започнат што поскоро.

Видете и ова: Знаме на „Голема Албанија“ на концертот за Курти во Тетово

Харадинај на неговата страница на Фејксбук напиша дека Курти се обидел да ги измами и Албанците во Албанија, но таму „не му поверуваа и го избркаа“.

„Почитувани сонародници Албанци во Северна Македонија. Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Во Косово ги блокира сите патишта и проекти, вклучително патот за Плав (во Црна Гора). Откако не може веќе да ги лаже Косоварите, дошол да ве лаже вас, за патот Тетово-Призрен. И во Албанија се обиде исто, но не му поверуваа и го избркаа. Немојте ни вие да станете жртви на неговите измами“, рече Харадинај, пренесе МИА.

Курти за време на посетата не се сретна со претставници на власта во Северна Македонија.