Од денеска на македонската политичка сцена работи уште една политичка партија - Европска демократска партија (ЕДП). На денешното основачкото собрание на овој нов политички субјект, како единствен кандидат за претседател беше избран Арјанит Хоџа, поранешен потпретседател на Беса.
За него, како што рече во обраќањето, ЕДП ќе биде вредност плус на политичката сцена, а партискиот фокус ќе биде на интеграцијата на земјава во Европската унија (ЕУ).
„Првиот предизвик што не очекува е токму предизвикот на уставните измени кои би сакале да ги поминеме затоа што ја отвораат вратата за интеграција во Европската Унија. Во случај да не поминат уставните измени, државата навистина е во опасност да го загуби повеќегодишниот процес кој е изграден со толку труд. Нормално тогаш ќе има различни сценарија и воопшто нема да се позиционираме со политичари и политички структури кои сакаат да ја изолираат државата и не размислуваат за доброто и иднината на граѓаните“, рече Хоџа.
Инаку ЕДП се смета како фракција од движењето Беса. Арјанит Хоџа, како нејзин заменик-претседател, не се согласи со лидерот Биљал Касами кога овој реши да се приклучи на албанскиот опозициски фронт со Изет Меџити и Африм Гаши, кои заедно имаат 7 пратеници.