Знаме на „Голема Албанија“ на концертот за Курти во Тетово

Знаме со карта на „Голема Албанија“ на концертот по повод посетата на Албин Курти на Тетово

Знаме со карта на т.н. „Голема Албанија“, која опфаќа делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција, се вееше во публиката на вчерашниот концерт, кој Општина Тетово го организираше по повод пречекот на косовскиот премиер Албин Курти, објави МИА.

Медиумската информативна агенциа (МИА) објави и фотографија од концертот, на која се гледа знамето со картата на Голема Албанија. Таа фотографија е поставена на официјалниот профил на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, на Фејсбук.

Пред концертот на публиката и се обратија и Албин Курти и Биљал Касами, а на концертот беа и Иџет Меџити и Африм Гаши.

На веењето на ова знаме на концертот во чест на Курти реагираше кумановскиот градоначалник Максим Димитривски.

„Неинтонирањето на државната химна, неистакнувањето на државното знаме, интонирањето на химната на друга држава и истакнувањето само на знамињата на заедницата и знамињата на туѓа држава е спротивно на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија и Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Истакнувањето на обележје на јавен собир во Тетово од т. н. голема Албанија е спротивно на Уставот и Законите на државата. Ги повикувам надлежните, во овој случај МВР и ОЈО да постапат согласно овластувањата и превземат постапки против одговорните и сторителите а надлежниот суд истите да ги санкционира доколку сеуште оваа власт има супрематија“, реагираше градоначалникот Димитриевски.

Видете и ова: Курти во целодневна посета од Чаир до Вејце

„Северна Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира ни од Милошевиќ, ни од Путин. Вака Северна Македонија ќе биде што поблиску до зачленувањето во ЕУ, а нашиот регион на Балканот ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да и помагаме и ќе ја поддржиме Северна Македонија“, рече Курти во обраќањето.

Претходно во текот на вчерашниот ден Курти беше во посета на Општина Тетово, а потоа со градоначалникот Билал Касами заедно потоа го посетија планинското село Вејце. Двајцата се заложија за побрза изградба на патниот правец Тетово - Призрен кој би минувал низ Шар Планина.