Курти во целодневна посета од Чаир до Вејце

Архивска фотографија, Албин Курти

Косовскиот премиер на Косово, Албин Курти, кој е во неофицијална посета на земјава, денеска имаше средби со првите луѓе на дел од албанските опозициски политички партии во земјава. Оваа посета е во пресрет на формирањето на нивната нова партија „Демократско движење“ која произлезе од фракционерите на ДУИ познати во јавноста како „Огнените“.

Тој присуствуваше на преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во општина Чаир.

Во обраќањето од скопската општина Чаир, Курти, изјави дека е од особено значење тоа што Демачи ќе има своја улица во Северна Македонија и додаде дека пред пред две недели е одбележана петгодишнината од смртта на Демачи.

На настанот присуствуваа и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и претседателите на движењето „Беса“, Билал Касами, на „Алтернатива“, Африм Гаши и Изет Меџити кој најави формирање на ново политичко движење во албанскиот блок.

Претходно Меџити за РСЕ изјави дека вели дека со Курти ќе разговараат за актуелните политички случувања во земјава, околу уставните измени и најавите за избори, но и за случувањата во регионот. За Меџити оваа средба со Курти значи продлабочување на соработката на партијата на Курти „Самоопределување“ со опозициски Алтернатива, Беса и Демократско движење од Македонија.

Попладнево, Курти е во посета на Тетово. Според агендата, предвидени се средби само со албанските опозициски партии, не и со државниот врв или владините партии од албанскиот блок.

Видете и ова: Ривалството меѓу Рама и Курти се прелева на македонски терен?

Скопската улица во Чаир го доби името на Демачи кој бил албански писател и политичар, кој своето образование го стекнал во Приштина, Скопје и Белград. Тој бил и раководител на политичкото крило на Ослободителна војска на Косово (ОВК), а потоа и политички активен во движењето „Самоопределување“ на Албин Курти. Починал во 2018 година во Приштина.