Пукано во полицијата на северот на Косово, петмина уапсени за напад, шверц и дрога

Илустрација, полиција во северот на Косово

На територијата на општина Зубин Поток на северот на Косово, во раните утрински часови на 11 август дошло до размена на оган меѓу косовската полиција и група која шверцувала стока, изјави заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа.

Тој појасни дека полицијата се обидела да запре комбе со шверцувана стока кога се пукало, на што полицијата одговорила со иста мерка.

Повредени нема, полицијата привела пет лица, додека се трага по уште едно лице“, изјави Елшани.

Од косовската полиција за РСЕ изјавија дека се одземени три автомобили и едно комбе, а покрај шверцот биле пронајдени и наркотици.

Случајот е окарактеризиран како напад врз службено лице, шверц на стока и поседување наркотици.

Видете и ова: Акција на косовската полиција во Северна Митровица, пронајдено е и оружје

Ова не е прв пат косовската полиција во општините на север, каде живее мнозинско српско население, да заплени шверцувана стока, наркотици или оружје.

Во понеделник, 7 август, во Северна Митровица беше пронајдена лабораторија за лекови, опрема за производство на криптовалути и шок бомби.