Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинение против претседателот наРепублика Српска, Милорад Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, кои се товарат за кривично дело неисполнување на одлуките на високиот претставник на Босна и Херцеговина.
Обвинението е проследено до Судот на Босна и Херцеговина, соопшти Обвинителството на Босна и Херцеговина.
Обвинителството на Босна и Херцеговина на 9 јули формираше тим од тројца обвинители откако во Службен весник беше објавен указот на претседателот Додик во врска со непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.
Видете и ова: Додик: Остануваат на сила законите за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БИХ
Во указот, кој беше објавен истиот ден, се наведува дека одлуките на Канцеларијата на високиот претставник во БиХ повеќе не се објавуваат, а со тоа и не се почитуваат во Република Српска, како и дека одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина повеќе нема да се применуваат на територијата на овој босански ентитет.
Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со своите одлуки од 1 јули целосно ја суспендираше целата законодавна процедура во однос на антидејтонските потези на Народното собрание на РС и усвојувањето на двете споменати одлуки.
Со одлуката Шмит го криминализираше и непочитувањето на одлуките на високиот претставник, а казната може да биде и до пет години затвор.
Дејтонскиот мировен договор, официјално потпишан на 14 декември 1995 година, стави крај на војната во Босна и Херцеговина. Анекс 10 на тој договор му доделува право на високиот претставник на меѓународната заедница, „да го следи спроведувањето на договорот“.