Мајкрософт нема да им ги продолжи лиценците на руските фирми

илустрација

Американскиот софтверски гигант Мајкрософт нема да им ги продолжи лиценците на руските компании од 30 септември, објави американската компанија во писмото испратено до руската агенцијата Телеком дејли на 11 август.

Мајкрософт ја запре продажбата во Русија минатиот март по почетокот на инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година. Но таа сепак продолжи да лиценцира производи, како што се Windows и Office365, кои веќе беа продадени.

Претставник на Мајкрософт изјави за Форбс дека одлуката е донесена во согласност со санкциите на Европската Унија, САД и Велика Британија. Стотици западни компании ја напуштија Русија по февруари 2022 година.

Видете и ова: ЕУ го одобри 11-тиот пакет санкции против Русија

Покрај суспендирањето на продажбата, Мајкрософт запре многу аспекти од својот бизнис во Русија во согласност со санкциите на Соединетите Држави. Соговорниците на Форбс забележуваат дека до 90 отсто од корпоративните клиенти продолжуваат да ги користат производите на Мајкрософт во Русија.

Според експертите, неможноста да се примаат ажурирања ќе ја намали безбедноста на корпоративните мрежи и ќе ги направи поранливи на хакирање.

Најавеното „беспрекорно“ префрлување на софтверот на руските програмери нема да работи. Корисниците ќе мора да ги обноват деловните процеси, а ИТ експертите ќе треба да состават нова паралелна инфраструктура од руските решенија, забележува Форбс.