Најмалку 23 повредени во земјотрес во Турција

Спасувачите во резиденцијата Тренд Гарден по земјотресот во Малатија, Турција, на 12 февруари 2023 година

Најмалку 23 лица се повредени по земјотресот со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала што ја погоди јужна Турција околу 20 часот во четвртокот, околу шест месеци по разорните земјотреси во регионот.

Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа изјави дека поголемиот дел од повредите со кои се здобиле лицата се предизвикани од пад или скок од голема височина кога се случил земјотресот.

Гувернерот на Малатија, Ариф Јилмаз, за државната новинска агенција „Анадолу“ изјави дека нивните тимови за управување со катастрофи и вонредни состојби веќе се на терен.

Јилмаз додаде дека прелиминарните информации го потврдуваат уривањето на напуштена зграда.

Видете и ова: Над 100 милијарди долари е штетата од земјотресот во Турција

Приватната телевизија НТВ објави дека може да се забележат оштетувања на зградите како резултат на земјотресот.

Епицентарот бил во општина Јешиљурт во провинцијата Малатија. Провинцијата Малатија беше меѓу тешко оштетените од земјотресот на 6 февруари. Градоначалникот Селахатин Гуркан рече дека тогаш во Малатија загинале околу 2 300 луѓе.

Два големи земјотреси и многу последователни потреси ја потресоа југоисточна Турција и северна Сирија, при што загинаа повеќе од 50 000 луѓе.