Заразената болничарка со конго-кримска хеморагична треска го прими лекот „рибавирин“

Клиника за инфективни болести, Скопје

Болничарката заразена со конго-кримска хеморагична треска прими прва доза „рибавирин“, Соопшти директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ.

Започната е терапијата со лекот ќе се дава и наредните четири дена, наведе Стевановиќ додавајќи дека болничарката е во стабилна состојба.

„Нашата колешка вработена на Клиниката за инфективни болести влегува во фазата во која се очекува појава на крварење, таканаречена хеморагична фаза. Ноќеска за првпат е забележано лесно, но, е забележано крварење кое се гледа само на избришок од хартија, не е тоа нешто масовна. Меѓутоа, тоа е веќе еден знак за кој треба да видиме под сериозен алерт. Ние пациентката ја гледаме под лупа како со анализите, така и со клиничкото следење. Денешниот конзилиум на колегите на Инфективната клиника е одлучено и проценето дека веќе денеска треба да почнеме со лекот „рибавирин“ кој е донесен во нашата држава“, рече Стевановиќ.

Видете и ова: Спироски: Конго-кримската хеморагична треска не се пренесува преку воздух

Вработена на Клиниката за инфективни болести се зарази со конго-кримска хеморагична треска од 27 годишна жена која почина од треската по каснување од крлеж, која ја лекувала.

Во моментов под здравствен надзор се околу 40 луѓе од превентивни причини, како што објави државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Како што појаснуваат здравствените експерти, основниот начин на пренесување на вирусот е преку каснување на крлеж на човекот и внесување на вирусите од крлежот во човековиот организам.

Видете и ова: Обезбеден е лекот за конго-кримската треска

Пренесувањето од човек на човек се врши само ако се дојде во допир со телесните течности во коишто го има вирусот, а во над 99 проценти од случаите се заразуваат здравствените работници, оние коишто доаѓаат во допир со лекувањето, односно со било кој дел од телесните течности: крв, плазма, плукна, солзи или некои други ткива, може да бидат преносители од човек на човек.