Почина актерката Катина Иванова

Катина Иванова

Почина актерката Катина Иванова која повеќе од четири децении беше дел од Македонскиот народен театар.

Иванова, како што соопштува МНТ, беше мајстор на сценска интерпретација, со истакнат сценски говор, со специфичен и топол сензибилитет, постојан следач на претставите, поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек.

Дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. По дипломирањето, од 1979 година, е член на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во над 45 претстави.

Со подеднаква професионална љубопитност и страст Иванова настапувала и на сцената на други театри низ земјава, како и во проекти на независни театарски трупи.

Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009).

За своите актерски остварувања, Иванова е добитник на наградата за најдобро театарско остварување на Фестивалот „Tеатарски празници“ (Благоевград, Бугарија) за улогата на Мег во претставата „Роденден“ и наградата на ревијата „Екран“ за улогата на Ревзија во филмот „Џипси меџик“.