Воената хунта во Нигер назначи 21 министер во новата влада, наметнувајќи го својот план пред самитот на регионалните лидери кои бараат крај на военото преземање во западноафриканската земја.
Шефовите на државите од Западна Африка во четврток одржуваат самит во Нигерија за да се договорат за планот за акција за Нигер. Водачите на бунтовниците во земјата одбија да отстапат и покрај заканите од земјите од блокот дека ќе употребат сила за враќање на демократијата.
Откако преземањето на 26 јули го шокираше регионот, хунтата ги отфрли дипломатските предлози и го игнорираше рокот од 6 август од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) да го врати соборениот претседател Мохамед Базум.
Видете и ова: Вонреден Самит на западноафриканските земји за ситуацијата во НигерГенералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изрази загриженост за Базума и неговото семејство, откако неговата партија извести дека се задржани во претседателската резиденција без струја и вода и дека со денови се без свежа храна.
„Генералниот секретар уште еднаш повикува на негово итно, безусловно ослободување и негово враќање на функцијата шеф на државата“, изјави во средата портпаролот на ОН.
Базум победи на изборите во 2021 година, што беше прв трансфер на власта од една цивилна влада во друга во историјата на земјата.
Се очекува лидерите на блокот да се договорат за следните чекори на самитот во Нигерија, кои би можеле да вклучуваат воена интервенција. Официјален претставник на EКОВАС претходно изјави дека ова ќе биде последната опција.
Хунтата, предводена од генералот Абдулрахман Чиани, го искористува незадоволството на населението од Франција, нејзиниот поранешен колонијален владетел. Таа, исто така, ја обвини владата на Базум дека не прави доволно за да ја заштити земјата од исламските екстремисти и побара помош од руската платеничка група Вагнер.