Полска планира да распореди до 10 000 дополнителни војници на границата со Белорусија за поддршка на Граничната стража, изјави денеска министерот за одбрана Мариуш Блашчак.
„Околу 10 000 војници ќе бидат на границата, од кои 4 000 директно ќе ја поддржуваат Граничната стража, а 6 000 ќе бидат во резерва“, соопшти министерот во интервју за јавното радио.
Министерот Блашчак вели дека ја приближуваат армијата до границата со Белорусија за, како што рече, да го избркаат агресорот, за да не се осмели да ги нападне.
Заменик-министерот за внатрешни работи Масиеј Вашик вчера изјави дека Полска ќе испрати дополнителни 2 000 војници на границата со Белорусија.
Видете и ова: Полската гранична служба бара уште 1.000 војници на границата со Белорусија
Полска неодамна предупреди дека зголеменото присуство на руската платеничка група Вагнер во Белорусија има за цел да го дестабилизира источното крило на НАТО, среде војната во Украина. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, говорејќи по состанокот со литванскиот претседател Гитанас Наусед на 3 август, рече дека сојузниците на НАТО мора да ја зголемат будноста, бидејќи веројатноста за провокации останува многу висока.
Моравјецки ги даде овие коментари два дена откако два белоруски воени хеликоптери кои изведуваа вежби во близина на границата накратко го нарушија полскиот воздушен простор.