Американскиот претседател Џо Бајден на 9 ти август потпиша извршна наредба за блокирање и регулирање на високотехнолошките инвестиции од Соединетите Држави кои одат во Кина, а се однесуваат на напредни компјутерски чипови, микро-електроника, квантни информатички технологии и вештачка интелигенција. Високи претставници на администрацијата рекоа дека тоа е поради националната безбедност, а не заради економски интереси.
Регулативата има за цел да ја „успори“ способноста на Кина да ги користи американските инвестиции во своите технолошки компании за да ја надгради својата војска, а истовремено да зачува пошироко ниво на трговија што е од витално значење за економиите на двете земји.
Се чини дека САД и Кина се повеќе се заглавени во геополитичка конкуренција. Претставници на администрацијата на Бајден инсистираат на тоа дека САД немаат интерес да се „откачат“ од Кина, но дека со ограничување на извозот на напредни компјутерски чипови, тие се обидуваат да ги ограничат инвестициите во Кина и да ги задржат проширените царински тарифи наметнати од претседателот Доналд Трамп.
Бајден навести дека кинеската економија се бори и нејзините глобални амбиции се ублажени бидејќи САД ги обновија своите сојузи со Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Европската унија. Администрацијата се консултираше со сојузниците и индустријата при обликувањето на наредбата на Бајден.
Видете и ова: САД забранија изградба на фабрики за напредна технологија во КинаОфицијални лица велат дека Кина ги искористила американските инвестиции за да го поддржи развојот на оружје и да ја модернизира својата војска. Новите ограничувања ќе ги надополнат извозните контроли на напредните компјутерски чипови објавени минатата година.
Во јули, американскиот Сенат ги додаде барањата на Законот за овластување за национална одбрана за следење и ограничување на инвестициите во земјите кои предизвикуваат загриженост, вклучително и Кина. Силниот економски раст на Кина опадна по завршувањето на пандемијата предизвикана од корона вирусот.
Во средата, кинеското Национално биро за статистика објави дефлација, пад на потрошувачките цени за 0,3 отсто во јули во однос на претходната година. Тоа ниво на дефлација укажува на недостаток на побарувачка од потрошувачите во Кина што може да го попречи растот.
Странските директни инвестиции во Кина се намалени за 89 отсто во однос на претходната година. Се верува дека најголем дел од странските инвестиции доаѓаат од кинески компании и се маскирани како странски пари за да се добијат даночни олеснувања и други бенефиции, велат кинеските истражувачи. Странските деловни групи велат дека глобалните компании ги префрлаат инвестициските планови во други земји.