Обезбеден е лекот за конго-кримската треска

Инфективна клиника Скопје (илустрација)

Обезбеден е лек за конго-кримската хеморагична треска, а болничарката на инфективната клиника е во стабилна состојба. Оваа информација ја потврдија од Инфективната клиника во Скопје.

„Веднаш го набавивме овој лек. Многу ретко се наоѓа, го има само во земји во кои има голем број на разболени пациенти. Искрено се надевам дека нема да имаме таква состојба за да го искористиме. Но, ако ни треба и тој лек го имаме. Лекот се дава само во ситуација, кога се нема друг избор, при исклучително тешка клиничка слика“, вели Милена Стевановиќ, директорката на Инфективната клиника.

Таа објасни дека станува збор за антивирусен лек што се дава и се користи при различни вирусни инфекции. Додава дека заразената пациенкта е стабилна и се следи.

Видете и ова: Вкупно 40 луѓе се под здравствен надзор за конго-кримска треска

„Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болест. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата “, се вели во соопштението од Инфективната клиника.

Претходно, претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ рече дека комисијата апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат.

Мехмедовиќ истакна и дека не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска и додаде дека не се очекува да има повеќе случаи во блиска иднина.