Атинскиот фудбалски клуб АЕК побара од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) итно и строго да го казни Динамо Загреб, сметајќи го хрватскиот клуб одговорен за нападот на неговите навивачи во понеделникот вечерта во атинското предградие Неа Филаделфија, во кој беше убиен грчки државјанин.
„АЕК не сака да игра натпревари „додека тече крвта на убиениот навивач и уште еден тешко повреден навивач. Дали лобирањето на Хрватите во рамките на УЕФА е поважно од човечките животи одземени од убијците? И дали е добро европскиот фудбал да бара да ги принудуваме нашите играчи да играат фудбал на нивниот терен како ништо да не се случило“, прашуваат од клубот АЕК.
Како што се заклучува во соопштението, има само еден начин, а тоа е „итна и строга казна“ за Динамо Загреб.
Во меѓувреме сите 94 уапсени лица кои грчката полиција ги приведе на 8 август по навивачките немири во пресрет на натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо, ќе бидат изведени пред обвинител.
Уште пет Хрвати, кои наводно биле дел од групата која предизвикала крвави инциденти во атинското предградие Неа Филаделфија, во вторникот доцна вечерта биле донесени во Игуменица, додека со брод требало да отпатуваат за Италија, а оттаму да се вратат во Хрватска, јавува АНА. Освен тоа, во Какавија е уапсен и 19-годишен Хрват кој со автобус се обидувал да замине од Грција за Тирана.
По нередите на навивачите во кои едно лице загина, а осум беа повредени, полицијата постави блокади низ цела Грција, особено на излезите од земјата, со цел да ги уапси сите инволвирани во нередите.
Видете и ова: УЕФА го одложи натпреварот по судирот меѓу навивачите на АЕК и Динамо во АтинаСпоред информациите, се проценува дека најмалку 50 хрватски навивачи се уште се во бегство, а во тек е лабораториско истражување на ДНК и други докази за откривање на сторителите на убиството.
Градоначалниците на Атина и Загреб, Костас Бакојани и Томислав Томашевиќ издадоа заедничка изјава во која остро го осудија убиството на 29-годишниот навивач на АЕК од Атина и испратија порака против насилството.
„Бруталното насилство и крвта немаат место на нашите стадиони, во нашите градови, во нашето општество. Силно го осудуваме ова страшно злосторство што доведе до губење на еден млад живот и тажна епизода на хулиганство што ги загрози животите на невините граѓани и деца“, изјавија двајцата градоначалници на 9 август.
Еден грчки навивач загина, а осуммина беа повредени во судир меѓу навивачите на фудбалскиот клуб Динамо Загреб и навивачите на АЕК во Атина вечерта на 7 август.
Дваесет и деветгодишен навивач на АЕК почина по судир со навивачите на Динамо во Атина, потврди грчката полиција на 8 август, а уште тројца грчки навивачи се во болница. Најмладиот од нив, 21-годишен е во најтешка состојба бидејќи има повеќе хематоми на главата од бројни удари.