Данок од 40 проценти за овогодишната неочекувана добивка за банките воведе италијанската влада. Според нивната одлука приходот од тој данок ќе им помогне на имателите на хипотекарни заеми и ќе ги намали даноците за граѓаните. Италијанскиот вицепремиер Матео Салвини изјави дека со оваа одлука ќе се оданочува профитот што банките го остваруваат од повисоките камати.
„Доволно е да се погледне профитот што го остварија банките во првата половина на 2023 година, како и резултатите од зголемувањето на каматните стапки на Европската централна банка, за да се разбере дека не станува збор за неколку милиони евра, туку околу милијарди“, изјави тој за Гардијан.
Видете и ова: Наместо пари под перница, инвестиција во обврзница
Според владината одлука новиот данок ќе опфати 40 проценти од таа разлика што е новата добивка на банките, затоа што годинава банките оствариле екстра профит од зголемувањето на каматите. Есктра профитот доаѓа од растот на каматите кои банките им ги наплатуваат за кредити, а ги намалија трошоците за каматите што им ги плаќаат на штедачите.
„Трошоците за кредити се удвоија за домаќинствата и економијата, но не и за нивните приходи“, додаде Салвини.
Минатиот месец најголемата италијанска банка Интеса Санпаоло го зголеми очекуваниот профит бидејќи заработи 2,27 милијарди евра нето повеќе отколку што предвидуваше во периодот април-јуни.