Царина заплени шверцувани обврзници во вредност од 92 милиони долари

Директорот на Царинската Управа Стефан Богоев

Вкупно 184 обврзници во вредност од 92 милиони долари, заапленила македонската Царинска управа. Цариниците ги заплениле хартиите од вредност кај турски државјанин кој пристигнал во земјава со лет од Истанбул. Директорот на Управата Стефан Богоев изјави дека со одлука на Основниот суд - Скопје обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

Тој додаде дека за случајот е поднесена и соодветна пријава до надлежниот суд.

„По завршената судска постапка, денеска, Основниот суд Скопје донесе пресуда со која се одземени обврзниците, а на лицето му е изречена парична казна – глоба врз основа на Законот за девизно работење. Обврзниците се одземени и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот“ изјави Богоев.

Видете и ова: Антикорупциска бара истрага за ДУП-от за бензинската на „Пуцко Петрол“

Директорот на Управата изјави дека е отворена финансиска истрага во соработка со сите релевантни тела и институции на национално и меѓународно ниво со цел расветлување на случајот во насока на докажување на евентуален обид за измама или спречување на перење пари. Дополнително направени се и консултации со Интерпол и Селек, информира Богоев на прес-конференција.