Полицијата во Австралија обвини 19 мажи за кривични дела сексуална злоупотреба на деца и спаси 13 деца од разработена педофилска мрежа, објавија официјални лица. Мрежата е откриена и демонтирана со помош на американското Федерално биро за истраги (ФБИ), пренесува агенцијата „Франс прес“.
Двајца од 19-те мажи веќе се осудени на речиси 15 години затвор во австралиската престолнина и пет години во Нов Јужен Велс, изјави командантот на австралиската федерална полиција Хелен Шнајдер.
„Овие мажи биле членови на технолошки софистицирана онлајн мрежа за злоупотреба на деца која функционирала низ целата земја“, изјави Шнајдер за новинарите.
Овие 19 мажи се обвинети за вкупно 138 кривични дела поврзани со меѓусебно споделување видеа и слики на дарк веб, паралелна верзија на интернет каде е загарантирана анонимноста на корисниците.
„Повеќето се професионалци за информатичка технологија со висок степен на техничка компетентност. Степенот на мерките кои ги користела мрежата за да не биде откриена, покажува колку тие биле опасни“, истакна Шнајдер.
Видете и ова: Граѓани во Мексико жив запалиле осомничен за педофилија и убиствоМажите, на возраст од 32 до 81 година, наводно го користеле софтверот за анонимно споделување датотеки, разговори во групи и пристап до веб страници во мрежата, пренесе Асошиејтед прес (АП).
Шнајдер нагласи дека како резултат на истрагата биле спасени 13 деца во Австралија. Полицијата не соопшти детали.
ФБИ минатата година ги предупреди австралиските власти за постоењето на мрежата. Правното аташе на ФБИ со седиште во Австралија, Нитијана Ман, соопшти дека 79 лица се уапсени во САД како дел од истата истрага, а 43 се осудени за злоупотреба на деца.
Во рамките на таа истрага во 2021 година, двајца агенти на ФБИ беа убиени, а тројца полицајци беа ранети при претрес на стан во градот Санрајс во американската сојузна држава Флорида, потсетува АФП.