На владина седница денеска ќе се донесе одлука за испраќање на сто војници од различен состав во Словенија, кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и држава и тие ќе заминат најрано утре наутро, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска, одговарајќи на новинарско прашање на одбележувањето на 22-годишнината од загинувањето на армиските припадници кај Карпалак.
Нагласувајќи оти оваа трагедија во Словенија изминатите денови се користела за различни на видови шпекулации, изнесувања лаги и невистини во македонската јавност дека помошта доцни, Петровска вели дека не сакале да прават пи-ар маркетинг од тоа.
„Од првиот момент кога се случи несреќата во Словенија и поплавите стапивме во контакт и јас со мојот колега, премиерот, претседателот на државата и сите министри и ја понудивме нашата несебична поддршка. Од нивна страна ни беше одговорено дека штом ја направат анализата за тоа што им е потребно дека ќе бидат доставени барања и тие во текот на вчерашниот ден претпладне преку механизмот за помош и поддршка во вакви кризни ситуации и на НАТО и на ЕУ беа доставени барања. Денеска на седница на Влада ќе ја донесеме одлуката за упатување на сто војници од различен состав кои ќе одговорат на потребите на словенечката Армија и на словенечката држава“, рече Петровска.
Видете и ова: Словенија побара помош за поплавите од Северна Македонија, можно е Армијата да испрати 100 војнициМинистерката вели дека војниците се подготвени да заминат уште денеска.
Во врска со тоа дали се размислува за некој вид материјална помош, министерската вели дека ова е се што досега е побарано.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска изјави дека штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра. Најголемите поплави досега во Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, однесоа куќи и оставија села во урнатини. Поројните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.