Претседателот на Нигерија Бола Ахмед Тинубу свика вонреден самит на шефови на држави или влади на Економската заедница на западноафриканските држави (ECОВАС) во врска со ситуацијата во Нигер, објавено е на веб-страницата на организацијата.
Според извештаите, самитот ќе се одржи в четврток на 10 август во Абуџа, главниот град на Нигерија.
„За време на самитот, лидерите на ЕКОВАС ќе разговараат за политичката ситуација и неодамнешните случувања и за Нигер“, се вели во соопштението.
Воената хунта во Нигер го затвори воздушниот простор на земјата откако истече ултиматумот на членовите на ЕКОВАС кои најавија употреба на сила доколку соборениот претседател не биде вратен на власт.
Одбранбените лидери на западноафриканските земји подготвија план за можна воена интервенција против пучистите кои ја презедоа власта во Нигер, а планот вклучува временска рамка и начин на испраќање војници, објави претставник на ЕКОВАС.
Видете и ова: Нигер го затвори воздушниот простор поради „закана од интервенција“
Регионалниот блок нема да им открие на пучистите кога и каде ќе нападнат. Таа одлука ќе ја донесат шефовите на држави, изјави Абдел-Фату Муса, комесар за политички прашања, мир и безбедност на ЕКОВАС.
„Сите елементи на каква било можна интервенција се разработени, вклучувајќи ги и потребните ресурси и како и кога ќе испратиме сили“, додаде Муса по тридневната средба во нигериската престолнина Абуџа.
ЕКОВАС претходно воведе санкции кон Нигер и предупреди дека ќе одобри употреба на сила доколку водачите на хунтата не го вратат соборениот Мохамед Базум на власт до недела.
ЕКОВАС е организација основана во 1975 година во Лагос која денес обединува 15 западноафрикански земји: Бенин, Буркина Фасо, Островите на Кејп Верде, Брегот на Слоновата Коска, Гамбија, Гана, Гвинеја, Гвинеја-Бисао, Либерија, Мали, Нигер, Нигерија, Сенегал, Сиера Леоне и Того. Членовите Мали и Буркина Фасо, исто така предводени од пучистите, најавија дека во случај на интервенција на сојузот во Нигер, ќе застанат на страната на пучистите.