Од Инфективна до Белорусија

БУГАРИЈА - Бугарскиот парламент ги одобри измените на Кривичниот законик и Законот за заштита од семејно насилство, по шокантниот случај на злоупотреба на девојче што предизвика масовни протести.

БИХ - Дождот во попладневните часови предизвика колапс во сообраќајот во Сараево и поплави неколку улици. Најсериозна е состојбата во делот на Нови Град каде што се поплавени подвозникот и неколку фреквентни улици. Врнежи пропратени со грмежи се предвидуваат и за вечер во Сараево.

ИТАЛИЈА - Централните и јужните региони на Италија забележаа седум отсто повеќе смртни случаи од вообичаено во јули по топлотниот бран, покажаа податоците на Министерството за здравство, додека пожарникарите во понеделник се бореа со шумските пожари во Сардинија и град и поплави на североистокот на земјата.

МАКЕДОНИЈА - По случајот на Конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27 годишна возраст кој почина, кај вработен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) каде се лекувала жената исто така е утврден позитивен случај на Конго-кримска хеморагична треска, соопшти Министерството за здравство.

СЛОВЕНИЈА - По катастрофалните поплави Словенија упатила барање за помош во Северна Македонија преку преку НАТО механизмот за помош при катастрофи, соопшти Центарот за управување со кризи.

МАКЕДОНИЈА - Во јули годинава на едно четиричлено семејство му биле неопходни 48.620 денари за задоволување на минималната синдикална кошница, што е зголемување за 441 денар во однос на минатиот месец.

ПОЛСКА - Полската служба за гранична заштита побара од полското Министерство за одбрана да испрати уште 1.000 војници на границата со Белорусија, поради зголемениот број обиди за илегално преминување на границата, изјави полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Васик.

КОСОВО - Косовската полиција на 7 август спроведе акција во Северна Митровица во населбата позната како „Три солитера“, поради сомнение дека во еден од становите се наоѓа лабораторија за дрога. Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа потврди дека во оваа акција е запленето и оружје.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари, не го гледа како опасност за неговата партија формирањето на новиот политички субјект од страна на Изет Меџити.

МАКЕДОНИЈА - Голем број аномалии во колективните договори на здравствените работници биле констатирани на денешната средба на независните синдикати за здравство и геријатрија во Министерството за информатичко општество и администрација. Синдикатите упатиле барања за решавање на ова прашање и во Министерство за финансии и во Министерство за здравство, но не добиле одговор. Ако не добијат решение до септември, најавуваат „жешка есен“ со протести заедно со полицијата.

МАКЕДОНИЈА - Апелациониот суд од Скопје му ја намалил затворската казна од 18 на 8 години на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, кој лани на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега. Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петочлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова. Пресудата е правосилна.

ИРАН - Во понеделник, 7 август, Иран започна со регистрација на кандидати за парламентарните избори во март, кои ќе бидат први откако земјата беше потресена од протести минатата година.

НИГЕР - Воените власти на Нигер објавија дека го затвориле воздушниот простор на земјата, предупредувајќи дека секој обид за негово нарушување ќе наиде на „енергичен и итен одговор“.