Обилните дождови кои денеска ја погодија јужна Скандинавија предизвикаа излетување на воз од шини, поплавени патишта и прекин на сообраќајот на траектите.
Полицијата соопшти дека воз со повеќе од 100 патници излетал од шините во источна Шведска, откако дождот делумно го однел железничкиот насип, при што биле повредени три лица кои биле пренесени во болница.
Официјални лица во Шведска и Норвешка предупредуваат дека ова може да стане најекстремниот влажен временски систем што го погодил регионот во последните децении.
Шведските и норвешките метеоролози издадоа црвени предупредувања, највисоко ниво на тревога, кое опфаќа неколку денови оваа недела. Се верува дека на некои места, во рок од 24 часа, ќе врне онолку дожд колку што вообичаено паѓа за еден месец или повеќе.
Ова се очекува да бидат најлошите поплави во последните 25 години во Норвешка или дури 50 години во Шведска.
Видете и ова: Словенија побара помош за поплавите од Северна Македонија, можно е Армијата да испрати 100 војнициВетровите и невремето со грмотевици ги урнаа локалните далноводи и ги прекинаа траектите на Балтичкото и Северното Море и делумно го прекинаа воздушниот сообраќај, додека Норвешка суспендираше некои железнички линии и одложи голем број фудбалски натпревари на отворено.
Системот со низок притисок што ја погоди Шведска во неделата стигна до Норвешка во понеделникот.
Властите предупредуваат оние кои се најпогодени да се држат настрана од реките и стрмните падини и да патуваат само доколку мораат. Тие оценија дека постои висок ризик од масовни материјални штети бидејќи врнежите ќе продолжат и во наредните денови.
Соседна Данска забележа обилни врнежи од дожд и издаде жолто предупредување, додека синоптичарите во Финска предупредија на можни силни грмотевици подоцна оваа недела.