Полската гранична служба бара уште 1.000 војници на границата со Белорусија

Ограда на полската граница со Белорусија - илустративна фотографија.

Полската служба за гранична заштита побара од полското Министерство за одбрана да испрати уште 1.000 војници на границата со Белорусија, поради зголемениот број обиди за илегално преминување на границата, изјави полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Васик.

Васик прецизираше дека барањето го испратил директорот на службата за гранична заштита Томаш Прага.

Прага рекол дека 19.000 луѓе се обиделе илегално да ја преминат границата меѓу Полска и Белорусија оваа година, што е зголемување од 16.000 минатата година.

Видете и ова: Полска: Вагнер сака да го дестабилизира источното крило на НАТО

Полска изгради ограда на границата со Белорусија.

Оградата има вградена електронска заштита.

Војници на приватната платеничка група Вагнер се појавија во близина на границите на Полска во Белорусија.

Илјадници платеници на Вагнер пристигнаа во Белорусија по краткотрајниот бунт на групата во Русија, а белоруското Министерство за одбрана на 30 јули објави дека Вагнер почнал со обуки во делови од нивната армија.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки тврди дека борците на Вагнер се присутни со цел да ја дестабилизираат ситуацијата на источното крило на НАТО, пишува Ројтерс.