Косовската полиција на 7 август спроведе акција во Северна Митровица во населбата позната како „Три солитера“, поради сомнение дека во еден од становите се наоѓа лабораторија за дрога.
Заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа потврди дека во оваа акција е запленето и оружје.
Елшани рече дека е извршен претрес во станот на лице со иницијали С.М, каде се пронајдени и запленети 60 графички картички, „Antminer S9“ за производство на криптовалути, 13 вентилатори, електрични светилки за производство на марихуана, 51 куршум и осум шок бомби.
На тимот на РСЕ не му беше дозволено да се приближи до зградата каде се одвиваше акцијата. На новинарите им беше кажано дека се претресува објектот кој е во приватна сопственост.
Видете и ова: Европски и американски законодавци бараат промена на пристапот кон Косово и СрбијаОва не е првпат косовската полиција да спроведува акција за пронаоѓање дрога или криптовалути на северот на Косово.
Полицијата во февруари годинава откри три лаборатории за производство на дрога во Северна Митровица.
Исто така, во мај минатата година полицијата уништи две лаборатории во близина на границата со Србија, каде што беа пронајдени поголеми количества марихуана.
Во април 2022 година беше уништена и лабораторијата за производство на дрога во Звечан. Во таа прилика беа уапсени четири лица кои се поврзани со лабораторијата.
Полицијата, исто така, спроведе неколку акции на Косово, вклучително и на северот, против ископувањето криптовалути.