Голем број аномалии во колективните договори на здравствените работници биле констатирани на денешната средба на независните синдикати за здравство и геријатрија во Министерството за информатичко општество и администрација.
Синдикатите упатиле барања за решавање на ова прашање и во Министерство за финансии и во Министерство за здравство, но не добиле одговор. Ако не добијат решение до септември, најавуваат „жешка есен“ со протести заедно со полицијата.
„На состанокот се реши дека има голем број аномалии во колективниот договор во врска со здравствените работници, со здравствениот административен персонал, со техничкиот персонал за коишто има потреба да се решат постепено“, изјави националниот координатор за независните синдикати за здравство, Боби Бојчевски.
Тој додаде дека здравствените работници одвај преживуваат.
„Ако не се решат овие работи во септември ќе бараме протест и бараме покачување на платите на здравствените работници за 30 проценти. Кога може на други вработени да им се покачува платата за 30 проценти, ние се чувствуваме како дискриминирани во ова општество“, посочи Бојчевски и најави масовни протести во септември што ќе бидат поддржани од сите синдикати.
Видете и ова: Жешкото синдикално лето оставено за во септемвриПретседателот на независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски, рече дека на денешната средба било разграничено дека негувателките и болничарите биле ставени во технички персонал, а треба да се водат како здравствени работници, а откако ќе се водат како здравствени работници и коефициентот за нив треба да биде поголем и нема да бидат во категорија на минималец.
„Сега понатака останува на работодавачите, дали ова од денешната средба ќе го прифатат и ќе го внесат во документите или пак ќе си продолжат како досега, да не ги признаваат како здравствени работници туку да продолжат како технички персонал, што не е во ред,“ нагласи Костовски.
Тој информираше дека во геријатрија има околу 50 вработени по договор и бараше да се смени законот кој ќе овозможи на овие вработени, наместо по пет години да бидат под договор, да бидат само шест месеци.
И Костовски исто така најави „жешка есен“ со протести ако не се најде решение со министрите за финансии и за здравство до септември.