Апелација му ја намали казната на пијаниот возач што усмрти дете на пешачки во Велес

Апелационен суд Скопје (илустрација)

Апелациониот суд од Скопје му ја намалил затворската казна од 18 на 8 години на возачот Ангелче Николов (28) од Велес, кој лани на пешачки премин во Велес усмрти 11-годишно девојче и избега.

Првостепената пресуда беше изречена во Основен суд Велес од петочлениот Кривичен совет, со кој претседаваше судијката Габриела Гајдова. Пресудата е правосилна.

На Николов му се судеше за две кривични дела „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.

Телесни повреди доби и мајката на девојчето. Во моментите кога го возел „мерцедесот“ тој имал забрана за управување на возило.

Видете и ова: Улиците стануваат опасни по живот

Останува изречената забрана за Николов за управување со моторно возило од „Б категорија“ во траење од 5 години.

Сообраќајката се случи на 17 декември лани во 22:17 часот на пешачки премин близу ОУ „Васил Главинов“. По сообраќајката возачот Николов побегна од местото на настанот и 37 часа се криеше во населба Превалец.

Вештачењето покажало дека возачот критичната вечер, во моментот кога се случила несреќата возел под дејство на алкохол и со брзина двојно поголема од дозволената на тоа место.