Бројот на загинати во катастрофалните поплави што ја погодија Словенија денеска се зголеми на шест, откако беа пронајдени телата на маж кој работеше на поправка на штетите и уште едно тело во надојдената река Теменица, јавува СТА.
Во текот на претходната ноќ, пожарникарите интервенирале за отстранување на последиците од поплавите во 57 случаи, најмногу во Помурје и Корушка.
Одредени области се уште се поплавени, многу патишта се уште се затворени, а надлежните служби предупредуваат дека со повлекување на водата, ризикот од одрони на тие места ќе се зголемува.
Ново силно невреме ја зафати Словенија синоќа. Додека се очекува смирување на хидролошките услови, многу места сега се загрозени од лизгање на земјиштето, јавува Н1 Љубљана.
Видете и ова: Се средуваат последиците од поплавите во Словенија, но опасноста не е поминатаСитуацијата беше многу сериозна во поголемиот дел од денот покрај реката Мура, која откорна над десет метри насип кај селото Долња Бистрица во општина Чреншовци.
Властите во Словенија наредија евакуација на неколку села и се обидоа да ја затворат дупката во насипот. Помалку од 3 000 луѓе се без струја.
Неколку нови одрони се активирани во општина Велење.
Европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчич објави дека ЕУ го покрена Механизмот за цивилна заштита на барање на Словенија, поради поплавите што ја погодија таа земја.