Европски и американски законодавци бараат промена на пристапот кон Косово и Србија

Припадник на косовската полиција на улиците во Северна Митровица

Десетици политичари од Европа и од Сoединетите Држави испратија писмо до високите функционери на Европската Унија и Вашингтон, барајќи промена на пристапот во однос на Косово и Србија.

Британската пратеничка Алиша Кернс објави писмо адресирано до американскиот државен секретар Ентони Блинкен, министерот за надворешни работи на ЕУ Џозеп Борел и британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Таа вели дека ова писмо го потпишале десет претседатели на Комитетот за надворешни работи и 56 заменици.

Осврнувајќи се на неодамнешните тензии на северот на Косово, писмото повикува на „рамнотежа и пропорционалност во интеракцијата со Косово и Србија“.

Видете и ова: Сите предлози за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија

Тензиите на северот на Косово се зголемија на крајот на мај, откако новите претседатели на општините Звечан, Зубин Поток и Лепосаивиќ, придружувани од косовската полиција, влегоа во општинските згради.

Локалното српско население се спротивстави на ова и организираше протести кои кулминираа со насилство на 29 мај во Звечан, во кои беа повредени десетици демонстранти и војници на мировната мисија на НАТО во Косово КФОР.

„Косово се соочи со големи последици по обидот на градоначалникот да влезе во нивните канцеларии на северот на Косово. Косово треба да се координира со КФОР во иднина за да спречи ескалација. Сепак, недостатокот на притисок врз Србија по самоволното приведување на тројца косовски полицајци и неуспехот да се повика на одговорност на оние кои извршија напади врз КФОР укажува на недостаток на еднаквост во решавањето на тензиите“, се наведува во писмото.

Видете и ова: ЕУ очекува Приштина да ги исполни сите обврски за деескалација

Во време на зголемени тензии, Србија на 14 јуни уапси тројца косовски полицајци.

Косово објави дека се „киднапирани“, но Србија изјави дека ги уапсила „длабоко во својата територија“. Полицајците беа ослободени на 26 јуни.

„Сегашниот пристап не функционира. Бараме од меѓународната заедница да научи од нашето минато и да се погрижи да не усвоиме политики за Балканот кои се пристрасни кон Белград“, се наведува во писмото.

Се додава дека треба да се земе предвид можноста за „усвојување политика на превентивна дипломатија за да се избегне понатамошна ескалација на безбедносната и политичката ситуација на северот на Косово“.

Поради неисполнување на основните барања на меѓународната заедница за намалување на тензиите на северот, ЕУ воведе казнени мерки против Косово.

Сепак, Косово се договори со ЕУ за план за ескалација на ситуацијата, кој предвидува одржување нови избори на северот на Косово.