Во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, синоќа заврши мировниот самит за Украина, на кој учествуваа високи претставници од околу 40 држави, но немаше претставник на Русија. Средбата заврши по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати.
Саудиска Арабија, обидувајќи се да стекне глобално влијание, беше домаќин на состанокот за Украина, на кој се очекуваа „не лесни“ разговори. Средбата, што почна попладнето заврши синоќа по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати, соопштија учесниците.
Како што се очекуваше, не беше објавена завршна декларација, но според неименуван европски извор, договорен е заеднички став за клучните точки, пред сè дека во мировниот договор мора да се почитува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на Украина.
На Самитот присуствуваа и претставници на земјите-членки на БРИКС, кои не застанаа зад Украина, но не ја поддржуваат руската инвазија, што почна во февруари 2022 година.
Според неименуван европски извор, Кина активно учествувала и позитивно се изјаснила за идејата за нов состанок.
Советник на бразилскиот претседател Лула да Силва, Селсо Аморим посочи дека „во сите вистински преговори мора да бидат вклучени сите страни“, вклучително и Русија.
Видете и ова: Мировни преговори за Украина во Џеда, Русија не учествуваПретседателот на Украина, Володимир Зеленски истакна дека украинската делегација го претставила својот мировен план од десет точки, кој предвидува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија.
„Разговорите не се лесни, но вистината е на наша страна. Имаме многу несогласувања и слушнавме многу гледишта“, изјави Андриј Јермак, шеф на администрацијата на украинскиот претседател кој ја претставуваше неговата земја во Џеда.
Претходно, Украина, заедно со Соединетите Држави, го критикуваа Ријад поради заедничкото спроведување на нафтената политика со Русија, чија цел е зголемување на цените на светските пазари, што е во корист на Москва, која е под санкции на Западот.
Ријад во ОН ги поддржа резолуциите со кои се осудува руската инвазија, како и руската анексија на територија во источна Украина.