Премиерот Димитар Ковачевски смета дека владината коалиција е стабилна и не очекува промени во правецот на делувањето на проевропските партии во однос на уставните измени.
Тој во интервју за МИА во врска со тоа дали превирањата во ДУИ, отцепувањето на членови, формирањето нов политички субјект од страна на Изет Меџити ќе влијаат на стабилноста на коалицијата, но и на процесот на уставни измени, истакна дека верува оти сите парламентарни партии и сите пратеници поединечно „се свесни за важноста на историскиот момент и исправноста во носењето на правилната одлука којашто ќе го трасира нашиот европски пат“.
„Собранието е местото каде во минатото сме ги носеле клучните одлуки кои ја одредувале судбината и иднината на државата. Така ќе биде и сега. Пратениците треба добро да размислат и да донесат историска одлука - дали ќе го дадат својот глас за Европа или ќе даде глас за изолација, дали ќе одлучи за подобра иднина и просперитет или за заробување во минатото“, вели премиерот во интервјуто.
Видете и ова: Џафери - Гласањето за уставните измени може да биде одложено, но и воопшто да не се случиВо однос на црната листа на САД, нејзиното проширување со функционери на ДУИ, поточно струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, потоа и со бизнисменот Орце Камчев, Ковачевски вели дека никој не треба да биде над законот и секој треба да сноси одговорност за постапките.
„Одговорноста има име и презиме и затоа ги охрабруваме правосудните органи самостојно да одлучат и да преземат чекори за напредок на планот на практикување на правдата и практикување на непристраноста и професионалноста со што ќе се зајакне и интегритетот на правосудните органи“, вели Ковачевски.
За континуитетот на неказнивоста, неуспехот на СЈО, но и неефикасноста на сегашните правосудни органи Ковачевски истакнува дека политиките и реформите, кои ги спроведуваат се насочени кон создавање на независно и транспарентно судство.