Украина под бран напади од руски проектили, тројца мртви

илустрација

Три лица загинаа при руски воздушни напади и континуирано гранатирање ноќта меѓу 5 и 6 август во Украина, соопштија украинските власти.

„Две лица загинаа, а четворица се ранети во руски воздушни напади во областа Харков во Украина“, изјави шефот на регионалната воена управа Олех Синиехубов.

Во исто време, во Москва, градоначалникот објави дека е одбиен напад со дрон врз руската престолнина. По втор пат оваа недела, московскиот аеродром Внуково беше привремено затворен на 6 август.

„Од причини надвор од контрола на аеродромот, воведени се привремени ограничувања за пристигнување и полетување“, соопштија од прес-службата на аеродромот.

Русија започна бран напади во текот на ноќта на 5-6 август против Украина, користејќи 70 оружја за воздушни напади, вклучувајќи крстаречки и хиперсонични ракети и беспилотни летала од Иран, соопштија украинските воздухопловни сили на 6 август.

Воздухопловните сили, кои го слават празникот 6-ти август, на каналот за пораки Телеграм соопштија дека украинската противвоздушна одбрана уништила 30 од 40-те крстаречки ракети и сите 27 беспилотни летала Шахед, лансирани од Русија во текот на ноќта.

„Севкупно, во неколку бранови напади, од вечерта на 5 август до утрото на 6 август 2023 година, непријателот употребил 70 средства во воздушни напади“, соопшти Военото воздухопловство.

Беше кажано и дека Русија лансирала три хиперсонични ракети Кинжал, но без дополнителни информации за нив.

Ројтерс не можеше независно да го потврди извештајот. Нема коментари и од Русија.

Засега не е јасно дали има штета од ноќниот напад или што се случило со 10-те крстаречки ракети кои не биле соборени.

Видете и ова: Медведев предупреди на нови напади врз украинските пристаништа

Портпаролот на воздухопловните сили Јуриј Ихнат изјави за националната украинска телевизија дека една од клучните цели на рускиот напад во текот на ноќта е регионот Хмелницки.

„Сега аеродромот Старокостијантинов е тој што го брка непријателот“, рече Ихнат.

Русија претходно го нападна воениот аеродром Старокостијантинов во регионот Хмелницки на крајот на јули.

Русија уништи два дрона

Во исто време, рускиот систем за противвоздушна одбрана уништи две беспилотни летала над областа Карачевски во областа Брјанск, соопшти на 6 август гувернерот на руската област што граничи со Украина Александар Богомаз.

„Нема штети или жртви“, рече Богомаз на каналот Телеграм.

Не е јасно кој ги лансирал беспилотните летала, а од Украина нема коментар. Киев речиси никогаш јавно не ја презема одговорноста за нападите во Русија или на територијата во Украина под контрола на Русија.