Воената хунта во Нигер бара помош од Вагнер, назначен нов воен командант

илустрација

Воената хунта која го собори демократски избраниот претседател во Нигер побара помош од руската платеничка група Вагнер доколку се соочи со воена интервенција од западноафриканскиот регионален блок.

„Водачот на Хунтата, Салиф Моди, ја посети соседната земја Мали, каде што оствари контакт со некој од Вагнер“, изјави за Асошиејтед прес Васим Наср, новинар и постар соработник во центарот „Суфан“.

Тој рече дека три извори од Мали и француски дипломат потврдиле дека средбата се одржала.

„Им треба Вагнер да стане нивна гаранција за останување на власт“, рече Наср, додавајќи дека платеничката група го разгледува барањето.

Во меѓувреме по заканите на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) дека ќе прибегне кон воена сила, хунтата во Нигер назначи ново раководство на вооружените сили, јави ДПА.

Видете и ова: Западноафриканските лидери подготвија план за воена интервенција во Нигер

Генералот Муса Салау Барму, кој одигра клучна улога во државниот удар на 26 јули, ќе ја преземе функцијата началник на Генералштабот, изјави синоќа воениот портпарол. Барму командуваше со специјалните сили на земјата.

„Приврзаниците се назначени и на други важни функции во Армијата и воздухопловните сили“, додаде портпаролот.

Откако демократски избраниот претседател Мохамед Базум беше соборен од офицери од Претседателската гарда, минатата недела ЕКОВАС побара негово ослободување. Организацијата предупреди дека ако земјата не се врати во уставниот поредок во рок од една недела, ќе преземе акција, која може да вклучи воена интервенција.

Посредничката мисија ЕКОВАС вчера го напушти Нијамеј без да се сретне со самопрогласениот шеф на земјата, генерал Абдурахаман Чиани, кој ја предводеше претседателската гарда.

Според медиумите, нигерискиот претседател Бола Тинубу веќе побарал од Сенатот на неговата земја да одобри воена интервенција во соседен Нигер.