Состојбата со поплавите во Словенија не е подобрена. Многу реки во централна, северна и источна Словенија се уште се поплавуваат, јавија локалните медиуми.
Реката Сава се поплавува во поголеми размери, во долниот тек во наредните часови ќе го достигне својот најголем проток. Во текот на ноќта евидентирани се бројни интервенции низ државата, дежурни екипи и надлежни служби се на терен и продолжуваат со отстранување на настанатите последици и помагање на населението, јавија словенечките медиуми.
Министерот за одбрана Марјан Шарец на прес-конференција синоќа најави дека Словенија ќе побара меѓународна помош, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич во наредните денови ќе ја разгледа состојбата во земјата.
Во 11 часот ќе заседава Советот за национална безбедност, а потоа и Владата.
Според предвидувањата на премиерот Роберт Голоб, ќе биде прифатен предлогот за измена на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди, кој првично беше планиран по одморите.
Видете и ова: Најмалку три жртви од невремето во Словенија, предупредувања и за Италија, Хрватска и Босна и ХерцеговинаНеколку места во земјата се уште се отсечени. Меѓу нив е и општина Межица. Како што напишаа во соопштение, за нив тоа е катастрофа каква што не паметат.
„Во моментов сите граѓани се безбедни. Сепак, ситуацијата се уште се менува од минута во минута. Цел ден беа активирани сите надлежни служби во општината кои се обидуваа да ја решат или ублажат штетата. Ни помагаат од словенечката Армија и пожарникари од Мурска Собота. Состојбата во нуклеарната централа Кршко е стабилна и под контрола, соопшти словенечката управа за нуклеарна безбедност, откако од електраната констатирале дека забележале „ненормален настан“ поради големиот проток и високиот водостој на реката Сава“, изјави Томаж Немец од Дирекцијата за нуклеарна безбедност.
Најмалку три жртви има како последица на невремето и големите поплави што ја зафатија Словенија ноќта меѓу 3 и 4 август.
Претседателката Наташа Пирц Мусар изрази сочувство до семејствата на жртвите и апелираше до граѓаните „да останат поврзани и да се поддржуваат едни со други во овој тежок момент и да се грижат за старите и другите ранливи луѓе на кои им е потребна нашата помош и поддршка“.
Состојбата во регионот
Поради состојбата во соседните земји, во Хрватска се очекува значително зголемување на водостоите на реките Мура, Драва и Сава.
Хрватскиот хидрометеоролошки завод доцна синоќа издаде црвено предупредување за Риека и Госпиќ. Портокалово е за Карловац, Загреб и Сплит, а жолто за Осиек, Кварнер и Далмација. Најавен е град и силен ветер. Сите оперативни сили и учесници во системот за цивилна заштита се во состојба на готовност. Силно невреме со обилни врнежи од дожд веќе ја зафати областа Кварнер, јавија хрватските медиуми.
На подрачјето на Кварнер, според првите информации, има паднати дрвја и оштетен имот. Во Мали Лошињ 25 пожарникари засега се распоредени на 36 интервенции.
Граѓаните пријавија уништување електрични столбови, делови од куќи, оџаци, а потопен е и брод.
Ситуацијата не се смирува ниту во загребската област. Дождот не престанува да врне, што дополнително влијае на водостојот на Сава, кој на секој час се зголемува за шест сантиметри. Сава почна да се излева во западниот дел на Загреб, поточно кај Јанкомир, а загрозени се и најниските делови на општина Брдовец, чии жители ноќеска први добија порака од Системот за рано предупредување и управување со кризи.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека состојбата со водостоите е сериозна.
„Според сите сателитски и радарски снимки, бранот што следи ќе го зафати поголемиот дел од Хрватска, веројатно не секаде со ист интензитет, но в сабота се очекуваат грмежи и најверојатно ќе врне пороен дожд во текот на ноќта. Ваквото покачување на нивото на реката го имаме како последица на она што се случува во Словенија, така што е сериозна ситуација“, изјави синоќа Божиновиќ.
Во Босна и Херцеговина е вклучен метеоролошки аларм.
Во Србија, Министерството за внатрешни работи соопшти дека ги презема сите неопходни мерки за спречување на последиците од обилните врнежи, како и за заштита на населението и имотот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека интензивно го следи развојот на временските непогоди кои ги погодија земјите од регионот.
Наредбата за преземање превентивни и оперативни мерки е испратена до градоначалниците, претседателите на општините, како и раководителите на административните области, се со цел да се спречат и отстранат последиците од временските непогоди и да се заштитат животите на луѓето, материјалните и културните добра.
Невреме од големи размери се очекува и во Италија. Во Милано, наредено е да се затворат парковите, зелените површини и гробиштата, а според Ла Стампа, стопирана е работата на пазарите на улиците каде што има дрвја.