Најмалку тројца жртви има како последица на невремето и големите поплави што ја зафатија Словенија ноќта меѓу 3 и 4 август. Оваа информација ја објави словенечката новинска агенција СТА.
Словенечката полиција за оваа агенција изјави дека еден Словенец е загинат кај Камник, додека двајца Холанѓани го загубиле животот во планините во областа Крањ. Се уште се утврдуваат точните околности на смртта, информираат од полицијата.
Словенечката агенција за животна средина, АРСО, издаде метеоролошки аларм на највисоко ниво, откако просечниот месечен дожд падна за 24 часа во северна, северозападна и централна Словенија.
Претседателката Наташа Пирц Мусар изрази сочувство до семејствата на жртвите и апелираше до граѓаните „да останат поврзани и да се поддржуваат едни со други во овој тежок момент и да се грижат за старите и другите ранливи луѓе на кои им е потребна нашата помош и поддршка“.
Премиерот Роберт Голоб го заврши својот летен одмор.
Армијата му помага на персоналот на итната служба во операциите за спасување и рехабилитација.
Според извештаите на локалните медиуми, многу места се поплавени, стотици пожарникари и членови на други служби за итни случаи се на терен, а насекаде се слушаат сирени кои предупредуваат за опасност.
Видете и ова: Словенија под вода, регистрирани над 1000 несреќи во последното деноноќиеВо североисточна, северозападна и централна Словенија е во сила црвената метео тревога.
Како што пренесува словенечката новинска агенција СТА, во текот на ноќта пожарникарите испумпувале вода од поплавените згради, заштитиле неколку одрони, извадиле остатоци од под мостовите и спасиле потопени возила од поплавените коловози.
Беа евакуирани три кампа.
Патот во градот Пољана синоќа бил поплавен, а поројот бил толку силен што во еден момент го однел автомобил во кој била жена, јави регионалната ТВ Н1.
Според податоците на Управата за заштита и спасување, во последните 12 часа се регистрирани над 1.000 инциденти, а на помош излегле пожарникари од 168 противпожарни единици.
Портокалов метео аларм за 4 август е објавен и за пет региони на соседна Хрватска, со можни прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Видете и ова: Невреме во Хрватска, Србија, Словенија и БиХ, има и жртвиЗа остатокот од Хрватска е објавен жолт аларм, што значи дека времето е потенцијално опасно.
Поради состојбата во соседните земји, во Хрватска се очекува значително зголемување на водостоите на реките Мура, Драва и Сава.
Во Босна и Херцеговина е вклучен метеоролошки аларм.
Невреме од големи размери се очекува и во Италија. Во Милано, наредено е да се затворат парковите, зелените површини и гробиштата, а според Ла Стампа, суспендирани се и пазарите на улиците каде што има дрвја.