Во тек се проверки дали на македонскиот пазар има српски чипс во кој е откриено високо ниво на канцероген акриламид, изјави за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Според него, ако евентуално се потврди дека го има кај нас, производот ќе биде повлечен.
„Во РАСФФ системот за брзо предупредување на ниво на ЕУ се уште не е нотирано дека овој производ е забранет и дека треба да се повлече од пазарите, а дали кај нас е влезен или не, веќе проверуваме“, посочи Бабовски.
Видете и ова: Загрижува трендот на производи со сомнителен квалитетИнаку на хрватската граница е стопирана пратка чипс со вкус на пиперка, произведен во Србија, а во кој е утврдено високо ниво на канцероген акриламид. Ова го објави и Европската комисија на својата официјална веб-страница.
Според соопштението на веб-страницата на Министерството за земјоделство на Србија, по добиеното известување на РАСФФ за покачено ниво на акриламид во чипсот со вкус на пиперка, земјоделската инспекција издала наредба за вонреден преглед на фабриката за производство на спорниот производ.
„Контролата е во тек и по добивањето на резултатите од анализите ќе објавиме подетални информации и мерки што ќе ги преземе земјоделската инспекција“, соопштија од ресорното министерство.
Акриламидот не може да се најде во свежата храна и главно се формира при преработка на храна на температури над 120 степени, како и при ниска влажност, што значи печење, пржење и други форми на подготовка. Најчесто може да се најде во продукти како леб, помфрит, чипс, житарки за појадок, бисквити, крекери и кафе.