Николовски: Министерството за земјоделство има еден случај од ОЛАФ, кој не е поврзан со ИПАРД

Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ

Проект од 2015 година, вреден 660 000 евра, за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), е случајот за кој Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.

Како што информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, не се работи за никаков договор или предмет поврзан со ИПАРД, туку за проектот што се реализирал преку ИПА поддршката за МЗШВ.

Истрагата е веќе завршена и за случајот има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Предметот е доставен до ОЈО за организиран криминал, а МЗШВ апелира случајот да биде комплетно расчистен.

„Имаме еден случај на ОЛАФ кој е завршен со препорака. Се работи за проект од 2015 година, но не поврзан со ИПАРД, туку со ИПА поддршка на МЗШВ за одреден софтвер за кој државата треба да ги врати парите. Европската комисија на 18 април 2023 година достави допис во врска со неправилност на Договор финансиран од ЕУ преку ИПА. Владата преку Министерството за финансии го има разгледано и веќе постапува по Извештајот доставен од завршената истрага на ОЛАФ. Значи, ова е завршена истрага во која има конкретен предмет со конкретни правни дејства. ОЈО за организиран криминал веќе има тековна постапка за овој случај, а МЗШВ го повикува случајот да биде комлетно расчистен“, изјави Николовски.

Видете и ова: Северна Македонија под лупа на истражителите на ОЛАФ за злоупотреба на европски пари

Деновиве ОЛАФ која е одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички, соопшти дека од земјите на Западен Балкан, европските фондови биле најзлоупотребувани во Северна Македонија.

Според податоците објавени од ОЛАФ, од вкупно 36 истраги за користењето на европските фондови на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на фондовите од властите во Северна Македонија. ОЛАФ подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти.

Од Министерството за земјоделство додаваат дека истрагите кои ги води ОЛАФ се редовна процедура по пријави, но тоа не значи дека отворените случаи кои се под истрага, секогаш мора да завршат со утврдени неправилности.