Уставен суд оформи предмет за прекувремената работа на коридорите 8 и 10 Д

илустрација

Уставниот суд информира дека е формиран предмет за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, по иницијатива што ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човековите права.

Со оспорените членови, како што е наведено во иницијативата, се напушта нивотo на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе поставените правила.

Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии кој во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон, велат од Уставен.

Видете и ова: Пендаровски: Указите што ги потпишав не се однесуваат на Договорот со Бехтел и Енка

Дополнително оспорениот член со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење според подносителите, создава правна несигурост и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без да се утврди горна граница.

Собранието во мај усвои повеќе законски измени со кои ќе им се олесни и забрза работата стратешкиот партнер за изградба на кордорите 8 и 10д, американско-турскиот конзорциум “Бехтел и Енка“, меѓу кои и измените на законот за работни односи со кои се овозможи прекувремена работа.