Американскиот претседател Џо Бајден повика на итно ослободување на избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум и за зачувување на демократијата во таа земја.
„Повикувам претседателот Базум и неговото семејство веднаш да бидат ослободени и да се зачува тешко стекнатата демократија на Нигер“, рече Бајден на 3 август, по повод 63-годишнината од независноста на таа земја.
„Народот на Нигер има право да ги избере своите лидери. Тие ја изразија својата волја преку слободни и фер избори и тоа мора да се почитува“, рече Бајден, a пренесе АФП.
Базум беше соборен од власт со воен удар, по што генералот Абдурахман Чиани на 28 јули се прогласи за нов лидер на земјата. Пучот го осудија САД, ЕУ и ОН.
Видете и ова: Една недела рок на пучистите во Нигер да воспостават уставен поредокЕкономската заедница на западноафриканските држави воведе санкции против Нигер поради пучот и рече дека ќе употреби сила доколку воената хунта не го врати демократски избраниот претседател.
Мали и Буркина Фасо ги осудија санкциите на блокот западноафрикански земји како незаконски и одбија да ги применат. Тие најавија дека секоја интервенција во Нигер ќе ја сметаат за војна против тие две земји.
По повод денот кога се одбележува независноста на земјата од Франција, стотици луѓе кои го поддржуваат пучот, носејќи руски знамиња, се собраа во главниот град на Нигер.
Поддржувачите на хунтата вееја руски знамиња и го скандираа името на рускиот претседател Владимир Путин за време на протестите пред француската амбасада во таа земја во последните денови.