Кампања за принудување на Украинците да станат руски државјани

илустрација

Украинците кои живеат во делови од Украина под руска окупација се принудени да земат руско државјанство или ќе се соочат со остри казни, вклучително и можна депортација во Русија, се наведува во истражувањето на организацијата „Опсерваторија за конфликти“

Според истражувањето, жителите на регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје се цел на систематски обиди да им се одземе украинскиот идентитет.

„Извештајот дава детали за вознемирувачката кампања за принудување на жителите да усвојат руско државјанство“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

„Оние кои одбиваат да го сторат тоа се соочуваат со ограничен пристап до јавни услуги, вработување и сопственост на имот, што има импликации за нивната мобилност, здравје и егзистенција“, додаде Милер.

Видете и ова: Во војна во Украина за „брзо“ руско државјанство

Родителите на деца родени во окупираните делови на Украина кои одбиваат да ги пријават своите деца за руско државјанство се соочуваат со уште поголеми тешкотии, вклучително и намален пристап до родителски надоместоци.

Според Милер, на некои родители им се заканувале со губење на старателството над децата и можна депортација во Русија.

Во Русија на крајот на јули беше објавено дека повеќе од 700 000 украински деца биле однесени од Украина во Русија од почетокот на руската инвазија на таа земја, а комесарката за деца Марија Лвова-Белова тврди дека „огромното мнозинство од овие деца дошле во придружба на нивните родители и роднини“.

Во средината на март, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на Лвова-Белова и рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи тие се обвинети дека се одговорни за депортацијата на украинските деца во Русија, што е воено злосторство според меѓународното право.