Поучени од заедништвото и решителноста на Илинден и АСНОМ, имаме обврска да постапиме и ние како генерации на денешнината, како што ни доликува - да носиме одлуки што прават пат напред за идните генерации, изјави премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на одбележувањето на 120 години Илинден на тврдината Кале во Скопје.
Илинден, АСНОМ, Членството во Обединетите Нации, Референдумот за независноста, донесувањето на Уставот, првите демократски избори, Охридскиот договор, членството во НАТО и отворените перспективи за Европската Унија за членство до 2030 година, но сега „народните избраници“ треба да донесат нова државничка одлука, додаде тој.
„Денес Републиката има потреба од нова државничка одлука, на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како преурането, денес на него се гледа како неминовно и неопходно. Благодарение на тоа ние денес имаме држава, единствена македонска држава – наше огниште. Илинденците и асномците знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки не обврзуваат да одиме напред одлучно и храбро. Порано битките биле на бојното поле, денес тоа е дипломатското поле“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека оваа Влада постапила по аманетот на илинденците и асномците, како што рече, седнати на иста маса заедно со другите европски земји и светски сили.
„Сите во следниот период кои ќе носат важни одлуки за државата, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава интегрирана во големото европско семејство или пак ќе останеме сами и изолирани, е само наша одлука. Секој кој сака да се повикува на патриотизмот во претстојните одлуки, кои треба да обезбедат континуитет на прогресот поставен со Илинден и АСНОМ, нека погледне длабоко во себе и нека погледне добро пред себе. Илинден и АСНОМ ги одликува одлучност, а не откажување“, рече Ковачевски.
Денеска државата слави Под слоганот „120 години Илинден - Огниште на татковината“, годинава се чествува 2 Август- Денот на Републиката - Илинден, при што обраќања ќе има од страна на државниот врв на повеќе места низ земјата.