Поради невидените горештини, Иран прогласи дводневен државен празник

Температурата забележана во Абадан на 20 јуни 2022 година била 52,2 степени Целзиусови, што, според официјалните лица, не е забележано во последните 70 години.

Иранската влада ги прогласи среда и четврток за државни празници поради „невиден“ топлотен бран, бидејќи температурите во повеќето делови на земјата достигнаа повеќе од 40 степени Целзиусови, објави новинската агенција ИСНА.

Филијалите на банките, судските и правните канцеларии ќе бидат затворени, а испитите и фудбалските натпревари ќе бидат откажани. Болниците се во состојба на готовност, објави агенцијата, а на старите лица и на лицата со здравствени проблеми им е препорачано да останат во затворени простории.

Метеоролошката служба предупреди дека постои ризик од загаденост на воздухот и песочни бури на југот од земјата, каде оваа недела се очекува температурите да се искачат над 51 Целзиусов степен.

Видете и ова: Научниците предупредуваат дека клучната океанска струја во Атлантикот е блиску до колапс

Многу градови на југот на Иран веќе се погодени од екстремни горештини. Државните медиуми објавија дека температурите надминале 51 Целзиусов степен оваа недела во градот Ахваз на југот на земјата, пренесува Ројтерс.

Во курдскиот град Дивандаре, жителите во понеделникот излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство поради исклучувањето на водата од чешмите, објави норвешката организација за човекови права Hengaw.

Голем дел од Иран, земја со речиси 90 милиони жители, е пустина. Научниците со години предупредуваат на се почести суши во регионот, кој е особено тешко погоден од последиците од климатската криза.

Топлотните бранови зафатија големи делови од светот во последните недели. Научниците ги поврзаа со климатските промени предизвикани од човекот.