Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека Седницата за уставни измени ќе почне на 18 август, а оти дебатата треба да заврши на 31 август, но вели дека гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.
„Седницата на 18-ти август ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и секако се отвора дискусија, дебата, се повикува според процедурата да се отвори дебата. Што ќе биде, како ќе биде не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не“, објаснува Џафери во интервју за МИА.
Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започна точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).
Тоа се случи во услови кога мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата, бидејќи Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент. Опозицииската ВМРО-ДПМНЕ засега стои на ставот дека засега нема консензус за уставни измени.
Видете и ова: И Талат Џафери најавува повлекување од функцијата, ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измениМинистрите на ДУИ на 30 јули поднесоа условени оставки како одговор на едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ, да се формира влада без ДУИ, за да ги поддржи уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата. Но, ВМРО-ДПМНЕ побара оставките на министрите од ДУИ да бидат неотповикливи и потоа да се организираат брзи предвремени парламентарни избори.
Денеска сите министри од ДУИ, односно првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска преку нивните профили не Фејсбук соопштија дека ги потпишале оставките и ги доставиле до премиерот Димитар Ковачевски.
Видете и ова: Оставките на ДУИ - реални отстапки или тактички маневар?Во содржината на оставките кои се очекува денеска формално да бидат доставени до премиерот, министрите од ДУИ, меѓу другото, наведуваат дека големите одлуки бараат одговорност, но и политичко, национално и државно жртвување кај секој еден од нив. Велат дека ДУИ не отстапува од интеграцијата на земјава во Европската Унија и оти е свесна за надежите на граѓаните за нејзиното членство во европското семејство.
Џафери во интервјуто за МИА наведува дека доколку нема двотретинско мнозинство гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
-Во секој случај, и отворена е можноста и постои таква пракса и гледате, еве скоро цел мандат одложено гласање поради калкулација на пратениците со кворумот, додава Џафери.