Воздушна тревога беше прогласена за Киев и за поголемиот дел од Украина на 1 август, непосредно пред пладне, по нападот на руско беспилотно летало, што уништи студентски дом во источниот украински град Харков.
Во исто време, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави дека руската престолнина одбила напад на украинско беспилотно летало, но дека една деловна кула е оштетена, додека еден од главните аеродроми во градот бил накратко затворен.
Истиот облакодер во руската престолнина по втор пат во два дена беше нападнат со дрон. Оштетена е стаклената фасада на зградата, но нема извештаи за повредени, јавува Би-Би-Си.
Градоначалникот на Москва рече дека во текот на ноќта од 31 јули до 1 август биле соборени неколку беспилотни летала, но дека „еден влетал во истата кула во комплексот, кој беше гаѓан и во неделата на 30 јули.
Руското Министерство за одбрана ја обвини Украина за последниот напад.
Киев, меѓутоа, обично не ги коментира вестите за нападите со беспилотни летала во Русија, вклучително ниту овој.
Исто така, не одговори на тврдењето на Русија на 1 август дека се уништени три украински беспилотни летала кои се обиделе да нападнат бродови на руската морнарица во Црното Море.
Руските власти објавија и дека се прават проценки на оштетувањата на кулата во Москва и дека работниците од Министерството за економски развој, кои вообичаено работат во таа зграда, сега работат надвор од зградата.
Видете и ова: Песков: Нападот со дронови врз Москва е знак на украинскиот очајГрадоначалникот на Москва изјави дека се уништени повеќе од 150 квадратни метри стакло на кулата во населбата позната како IQ Quarter.
Уште две украински беспилотни летала беа соборени на друго место во регионот на Москва, соопшти руското Министерство за одбрана, тврдејќи дека спречиле украински „терористички напад“.
Московскиот аеродром Внуково исто така накратко беше затворен, пренесоа руските новински агенции.
Нападите на и околу Москва, која е на околу 500 километри од украинската граница, се ретки од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година. Сепак, во последниве месеци, неколку беспилотни летала беа насочени кон Москва, вклучително и напад со беспилотни летала врз Кремљ во мај 2023 година.